Турскиот претседател загуби на гласањето во Србија, Бугарија, Албанија и Грција, а победи само во Косово и Босна и Херцеговина.
Малку неочекувано, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги губи претседателските избори на гласачките места во Македонија.
Турската изборна комисија отвори пет гласачки места во Македонија и според податоците на државната агенција Анадолија резултати има од три.
Според тие резултати кандидатот на опозицијата има голема предност – Кемал Киличдароглу освоил 52,84 отсто, а Ердоган 35.8. Трет е националистичкиот кандидат Синан Оган со 8,2 проценти.
Меѓу гласачите во Македонија има турски студенти кои учат на некои од универзитетите, потоа турски работници ангажирани на повеќе градежни зафати, како и помал број македонски државјани кои имаат и турски пасоши.
Интересно е што Киличдароглу излезе прв и на гласањето во Србија – 48,23 наспроти 45,42. Во Бугарија разликата е 69 наспроти 24 во корист на Киличдароглу. Во Грција е уште поголема – 75 наспроти 16.
Иако албанскиот премиер Еди Рама отворено го поддржа Ердоган неколку дена пред изборите на гласањето во самата Албанија Кемал Киличдароглу однесе убедлива победа: 62,5 за Киличдароглу, а 32,4 за актуелниот претседател.
Во регионот Ердоган доби повеќе гласови само во Косово (55:35) и во Босна и Херцеговина (45:43).