Интензивните врнежи од дожд предизвикаа излевање на реката Зрмања која тече во хрватскиот град Обровац, како и излевање на реката Отуча во општина Грачац.
Испратени се пожарникари, припадници на Хрватската служба за спасување и Државната интервентна единица со чамци за евакуација, објави Н1.
Жителите чии куќи се најзагрозени се евакуирани.
Наставата во Обровац, денеска не се одржа, затоа што училиштето е поплавено, делови од градот се под вода, а во други делови нема струја.
Во Грачац, десетици граѓани беа приморани да се качуваат на повисоки катови од објектите, или пак да ги напуштат своите домови, бегајќи од надојдената вода.
Ситуацијата е загрижувачка, со оглед на фактот дека хрватските метеоролози соопштија дека во наредните денови се очекуваат уште врнежи.