Марија Радосављевиќ, мајка на две деца кои вчера беа претепани од припадници на специјалната единица на косовската полиција, вели дека тоа што го доживеала не би го посакала на ниту една мајка.
Видно потресена, таа за порталот „Косово онлајн“ раскажа како ги нашла децата претепани, кога ја повикале да дојде да ги земе.
„Бев во градот, додека го носев мојот најмал син на тренинг. Ми се јави постариот син и рече дека биле малтретирани и дека некој мора да дојде да ги земе.
Реков дека веднаш ќе дојдам мислејќи дека треба да донесе лични карти“, вели таа во солзи.
Марија раскажува дека потоа се обидела да разговара со синот и ќерката, но тие не се јавиле на телефон, па мислела дека полицајците им ги одзеле апаратите.
– Ги зедов личните карти и си заминав, а кога стигнав на тоа место пред мене имаше блиндирано возило, а кога го тргнав погледот, ќерка ми седеше и плачеше на ливадата целосно растргната“, истакна таа.
Радосављевиќ изјавила дека веднаш потрчала кон ќерка си, но дека полицијата ја спречила да и пријде. Над девојката стоеле двајца полицајци со пиштоли во рацете.
-Се обидов да ја смирам, но не успеав во тоа. Во еден момент ми кажа дека не може да се смири бидејќи го претепале нејзиниот брат. Кога се завртев видов како син ми стои до оклопното возило, и ги држи рацете над главата“, раскажува таа.
Радосављевиќ изјавила дека побарала вода, која прво полицајците не сакале да и ја дадат, но потоа попуштиле, па таа ја полила со вода ќерка си за да ја смири.
„Со еден полицаец кој знаеше српски ја кренавме и ја ставивме во автомобилот. После тоа се вратив кај син ми и видов дека има бројни модрици и модринки. Му реков „не плаши се“ и тој ми одговори: „Како да не се плашам“, истакна таа.
Како што пренесува портралот посебно мајката ја шокирало неговата изјава „мајко, да не дојдеше, немаше да имам деца“.
„Таму бев многу исплашена. На полицајците им ја покажав личната карта, дека е дете. Кога видоа дека е роден 2007 година, ми ја земаа и личната карта.
Го прашав полицаецот, кој знаеше српски, зошто ги тепаат моите деца, дали имаат деца. Ми рече дека ја познавал ќерка ми, бидејќи често се вози низ овој крај. Јас прашав „па кога ја знаеш, зошто ја тепаше“, на што ми одговори дека од шлемот на нејзината глава не знаеле дали е девојче – вели таа.
Извор: Слободен печат