ШТО СЕ СЛУЧУВА? Неколку загинати лица и голем број повредени во силното невреме кое го погоди југот на Бразил

Најмалку 13 лица загинаа, а три се водат како исчезнати по невремето што го погоди јужниот дел на Бразил меѓу четвртокот и петокот, соопштија властите.

Непрестајните дождови и силните ветрови предизвикаа штети во десетици општини во државата Рио Гранде до Сул, вклучувајќи го и нејзиниот главен град Порто Алегре.

„Бројот на загинати се искачи на 13, вклучително и четиримесечно бебе, по откривањето на две тела во градот Кара, кој е во еден од најтешко погодените региони“, соопшти цивилната заштита на оваа сојузна држава која граничи со Уругвај и Аргентина.

„Потрагата продолжува“, велат тие. Бројот на исчезнати, сепак, е намален од 20 во саботата на три, сите од крајбрежниот град Карао, 90 километри од Порто Алегре, со население од 8.000. Силните ветрови го погодија брегот, вклучително и градот Трамандаи, каде според официјалните податоци се забележани удари на ветер до 101,9 км/ч.

Локалните медиуми објавија слики како автомобилот го носи силниот ветер во близина на гробиштата. „Водата ни се искачи до половината во куќата. Фала му на Бога, пожарникарите брзо дојдоа и нè ставија во кануата. Се чинеше како кошмар“, изјави жител на градот Сао Леополдо за весникот Естадао.

Другите луѓе се евакуирани со хеликоптер. Оштетени се домовите на речиси 5.000 жители, а од вчера околу 84.000 луѓе се уште се без струја. Околу 800 се евакуирани како мерка на претпазливост. Сојузниот гувернер на државата Едуардо Леите објави во саботата, по хеликоптерското извидување на најзагрозените области, дека четиримесечно бебе починало поради недостиг на навремена медицинска помош во Сао Себастијао до Каи, погоден од невремето.

„Нашата главна цел во оваа фаза е да заштитиме и спасиме човечки животи. Да ги спасиме изолираните луѓе, да ги лоцираме исчезнатите лица и да им пружиме помош на семејствата“, рече Леите. Во Сао Леополдо, град со 240.000 жители кој се наоѓа на половина час возење од Порто Алегре, во период од 18 часа наврнале 246 литри дожд на метар квадратен.

„Ниво никогаш видено во историјата на овој град“, рече градоначалникот на Порто Алегре, Ари Хозе Ванаци. Во Цара, каде што ситуацијата се уште е загрижувачка, отворен е центар за сместување на стотици жртви. Вчера улиците на Ново Хамбурго, Линдолфо Колор и Сао Леополдо сè уште биле поплавени, куќи се уништени, а возилата сè уште биле делумно покриени од брановите.

Кога дождот престанал, војниците успеаја да изведат спасувачка акција. Но, новите врнежи од дожд и ниските температури, кои се најавени за средината на оваа недела, повторно би можеле да ја комплицираат и онака тешката состојба во областа. Бразил во последните години е погоден од смртоносни временски настани, а експертите не исклучуваат дека тие се поврзани со климатските промени.

Ефектите се уште попогубни во контекст на неконтролирана урбанизација. Најмалку 65 лица загинаа во февруари во поплави и лизгање на земјиштето предизвикани од бурните дождови во државата Сао Паоло. Приближно 9,5 милиони од 215 милиони Бразилци живеат во области загрозени од поплави или лизгање на земјиштето.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде