Љубчо Георгиевски: Не разбирам како ВМРО-ДПМНЕ стана најпросрпска партија

Љубчо Георгиевски, поранешен премиер, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а сега на ВМРО-НП во интервју за неделникот фокус изјави дека не разбира како ВМРО-ДПМНЕ стана најпросрпска партија.

Тој вели дека не може да сфати во исто време ВМРО-ДПМНЕ да е најантибугарска и најпросрпска.

Еве дел од интервјуто на Герогиевски за Фокус.

Јас овој однос на ВМРО-ДПМНЕ, како најантибугарска и истовремено најпросрпска партија, не можам да го сварам.

Оној кој ја знае историјата на старото ВМРО во сите фази и кој го памети ВМРО од 90-та година што го формирав и водев јас, можам слободно да кажам, е украдена идеологија.

ВМРО-ДПМНЕ денес оди со теза нема да дозволиме бугаризирање на Македонија. Во што сме ние бугаризирани? Со тоа што имаме еден канал на телевизија што никој не го гледа? За жал, ВМРО-ДПМНЕ уште од времето на Груевски е носител на една перфидна политика за наводна одбрана на идентитетот, додека во суштина ја србизираат Македонија.

Се борат против бугаризирање, додека гледаме врв на србизирање на Македонија. Гледаме србизирање во сите сфери – културата, уметноста, спортот… Кога играат македонска и српска екипа, се навива за српската екипа.

Во 1990-тите, тоа се прикриваше со Југословени – Македонци. Денес имаме отворено србизирање. Да не зборуваме како брутално се прославуваат српските шовинистички празници во Македонија.

Како добро утро ни стана прославата на Куманово-Забрењак, најцрниот ден во македонската историја, кога Србија ја окупира Македонија. Секоја година си правиме манифестации и слушам толкувања од македонски патриоти дека тоа било ослободување на Македонија од Турците.

Деновиве во Штип беше одбележана 110-годишнината од брегалничката битка и откривање на обновената спомен-плоча. Најскандалозниот момент е што Зоран Антиќ, државен секретар во владата на Србија, во својот говор Македонија ја нарече стара Србија и јужна Србија, а сето тоа пред македонски војници и владини и претставници на локалната власт.

Имате два-три сајта, Срби во Македонија, Србомакедонци и Спона, каде што отворено се заговара теза дека ВМРО се бугарски службеници и агенди, а македонскиот народ е српски народ. Има стотици такви текстови на тие сајтови и никој не реагира.

Кога ја воскреснав идејата за независна и самостојна Македонија и кога го направив ВМРО-ДПМНЕ, и покрај тоа што денес не ми признаваат најмногу од ВМРО-ДПМНЕ, знам едно. ВМРО-ДПМНЕ беше направено да ја отцепи Македонија од Србија. И главниот проблем во првите 11 години беше борбата против српскиот шовинизам и концептот да се направи македонска држава.

Тоа не беше романтична приказна, имајќи ги предвид интервенциите на Милошевиќ кон Словенија, Хрватска, Босна, Косово и оној што сака да го релативизира тој период прави замајување на јавноста од тежок вид. Концептот беше Македонија да биде држава каде што македонскиот народ ќе бидат Македонци во целосна смисла на зборот, а главниот проблем беше десрбизирање и дејугословенизирање.

Денес, по 30 години, кога гледам дека сме дејугословенизирани, но многу србизирани, не можам да кажам дека не сум разочаран. Ако направите една анкета и прашате дали сакате Македонија, не да се врати Југославија, туку да се спои со Србија, сигурен сум дека 80 отсто од Македонците без Албанците ќе гласаат за тоа.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде