Долгогодишниот уредник и водител на ТВ Загреб и Хрватската телевизија, Мирослав Лилиќ, почина на 79 години.
Ќе остане запаметен по тоа што прв објави за смртта на Јосип Броз Тито. Роден во 1944, Лилиќ дипломирал книжевност, а во кариерата работел како новинар, уредник и директор на програмата.
Беше и претседател на управата на дискографската куќа „Кроација рекордс“, а во автобиографија, Лилиќ опиша што се случувало во студиото кога требаше да ѝ ја соопшти тажната вест на целата Југославија.
„Кога дојде веста, веднаш ја прекинавме програмата. Ја зедов веста од ‘Танјуг‘ без препишување и тргнав кон студиото.
Гледам во камерата и читам: ‘Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Претседателството на Централен комитет на Сојузот на комунистите на Југославија до работничката класа и народите на Југославија. Почина другарот Тито‘.
Откако ја прочитав веста, по неколку секунди сакав да станам од столчето, кога сфатив дека место црни, носам сини фармерки.
Седам така, режисерот ме држи во кадарот, па додадов прво што ми падна на памет: ‘Од овој момент, Југословенската радио-телевизија почнува со емитувањето на вонредна програма‘“, се присети Лилиќ.
Почнал да работи во ТВ Загреб во 1967. Бил уредник на централниот дневник, а во 1986 станал директор на ТВЗ. Во периодот на распадот на СФРЈ бил еден од иницијаторите на излегувањето на ТВ Загреб од заедничката програма на ЈРТ. Подоцна станал главен уредник на ХТВ и основач на приватната телевизија „Нова ТВ“.