Возач кој со возилото излетал од магистралниот пат Велес – Штип е спасен благодарение на тоа што од неговиот мобилен телефон е испратена говорна порака на аглиски јазик до Единствениот европски број за итни случаи 112.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека повикот е примен рано утринава во 04:20 часот и согласно процедурата,
веднаш се забележани координатите на локацијата од каде што е примен повикот по што почнала итна проверка на вистинитоста на повикот во соработка со Министерството за внатрешни работи.
– Според првично собраните („автоматски“) информации во ЦУК, претпоставка било дека се работи за сообраќајна незгода којашто се случила на територија на село Чалошево, на три километри по магистралниот пат во правец Велес – Штип.
Триесетина минути подоцна од МВР е добиена официјална потврда дека повикот е вистинит и дека се случила сообраќајна незгода на магистралниот пат Велес – Штип,
сега со поконкретен теренски опис дека тоа е близу на „Уни Агро“ и дека во излетаниот автомобил има повредено и заглавено лице, информираа утринава од ЦУК.
По извлекувањето на повреденото лице, тоа е однесено во болница во Велес, а потоа, најверојатно заради сериозноста на повредите е пренесено во Хируршките клиники во Скопје.
– Ова е редок пример за спасување лице кое не е можност да се јави, а мобилниот телефон автоматски испраќа порака за можна случена сообраќајна несреќа на 112.
Со повикот се добиваат и координати за локација на возилото, односно повреденото лице како во случајот и најпрво се врши проверка на реалната ситуација, а потоа во согласност со ситуацијата и извлекување и спасување на повреденото лице, велат од ЦУК.
Фото: Илустрација