Професор Трајковски жестоко распали: Како е можно 9.800 студенти по медицина да студираат во само неколку згради?

Не ми излегува од главата бројката од 9.800 студенти кои моментално студираат на медицинските факултети во земјава. Тука или се работи за најголемите факултети на светот или за најголемата измама на светот.

За да имаме подобра претстава, тоа е како да студира цел еден град со големина на Виница во само неколку згради. Дали ова е можно?

Бидејќи сум во високото образование повеќе од 30 години, сум видел секакви услови и бројки и веќе сум изградил мерила за нормално и ненормално.

Најпрво ќе опишам како изгледаше студирањето кон крајот на 1980-ите и почетокот на 1990-ите години на Техничкот факултет во Битола.

На машинскиот и сообраќајниот отсек во прва година се запишувале по 220 студенти, а на електро отсекот (виши студии) по 110. Една мала забелешка, иако споменувам отсеци, тоа се комплетни факултети, кои имаат и свои посебни студиски програми. Техничкиот факултет е всушност еден вид технички универзитет, но историски останал да се нарекува факултет (така на пример London School of Economics се нарекува школа, иако всушност се работи за многу престижен факултет).

Во втора година бројот на студенти драстично се намалувал. На машинскиот отсек, на пример, заедно со тие кои повториле година имало до 80 студенти, во трета околу 15, а во четврта останувале 5-8 студенти.

Во предвидениот рок од 4 години дипломирале просечно 4-5 студенти од запишаните 220, додека со најмногу две „квадрирања“ на година, бројот на дипломирани не надминувал 15, од генерацијата на 220 запишани. На Машински факултет во Скопје било слично, таму директно дипломирале по десетина од околу 400 запишани.

Во тоа време смеело да се повтори најмногу една година во првите две години, односно најмногу две години во сите 4 години од студиите. Ако паднеле уште еднаш година, по сила на законот им престанувал статусот на редовен студент. Како своевиден „чамец за спасување“, на тие што ќе изгубеле по трет пат година во погорните години им останувала вишата школа, односно двегодишните студии (им се признавале првите две години).

Во Скопје го немале ни тоа олеснување, бидејќи таму немало степенасти, туку континуирани студии, па им пропаѓале сите претходни 3 или 4 години.

Прва година требало да се ликвидира во септември. По исклучок, со најмногу 2 неположени испити се дозволувало запишување и слушање на втора година, но заостанатите испити од прва година морало да се положат до февруари следната година. Ако не се положеле, автоматски се броела повторена прва година.

Таа била прва и последна за тие што сакале да завршат виши студии, бидејќи веќе не смеело да се повтори ниту втора, а камоли прва година. Поради ова имало големо проретчување после втора година. Имало многу трагични случаи, кога во трета или четврта година се повторувала по трет пат година (но не една иста!) и тоа бил крај на студиите, по сила на закон.

Овој вовед го кажувам за да дојдеме до вкупниот број на студенти на целиот Технички факултет, кој никогаш не надминал 900 студенти на сите отсеци во сите 4 години на студирање. Нашиот факултет е многу голем, поголем е да речеме од Економски факултет во Скопје, кој е еден од најголемите во државата. Но, дури и во толку голем факултет имало преголема гужва, бидејќи студентите вистински посетувале предавања и вежби (аудиторни, лабораториски и програмски, претпладне и попладне). Важно е да се спомене дека студентите посетувале предавања и вежби дури и по презапишаните предмети, исто како да им е прв пат запишан – со цел вистински да научат.

Да повторам; во еден од најголемите факултети во земјата, што всушност претставува 3 факултети, одвај имало место за околу 800-900 студенти, со сите училници зафатени. Годишно дипломирале на четиригодишните студии (на машински и сообраќаен отсек) најмногу дваесетина кандидати, додека на двегодишните виши студии дипломирале повеќе, можеби до стотина кандидати, заедно со тие од електро отсекот.

Да се навратам на денешните 9.800 студенти на трите медицински факултети во земјата. Споредувајќи со нормалните времиња, односно со времето на целосна искористеност на нашиот факултет пред 30-ина години, тоа би значело дека се потребни најмалку 11 огромни згради, како нашата на Технички факултет во Битола. Всушност, потребни се уште повеќе згради, бидејќи таму не се работи само со креда и табла. На сите ни е јасно дека ова во стварност е невозможно.

Останува да се чудиме каде и како студираат тие студенти. Најпрво, дали има место физички да се сместат луѓе колку од цел еден град. Потоа дали имаат доволно трупови за учење анатомија, пациенти за вежби, стоматолошки столови за стоматолозите, лаборатории за лаборантите и фармацевтите, професори и асистенти за предавања и објаснувања и т.н. Сепак се работи за 9.800 студенти, од кои најголем број ќе завршат, секако според денешните еродирани критериуми. Каков ќе биде квалитетот во вакви околности – останува само да се молиме на Бога. Уште нешто. Кога се отворале тие факултети сигурно не биле димензионирани за 9.800 студенти, туку квотите постојано растеле при непроменти просторни услови. Може ли цела Виница да се смести и да студира во само неколку згради?
Се чудам кога слушам дека „90-100 медицински доктори годишно не биле многу за Штип“. Па дали се слушаат што зборуваат, кај нас на машинскиот дипломираа по 4-5 годишно од 220 запишани, па не велевме дека се малку (дипломата тогаш морала да се заслужи), а камоли на такви сериозни студии да дипломираат по стотина и тоа само во Штип. Во Тетово – уште за 50% повеќе. Небаре се работи за курс по прва помош, а не за факултет.

Инаку, во цела Македонија дипломирале многу повеќе. Според Лекарската комора, минатата година лиценци добиле 450 доктори (!), а допрва доаѓаат уште побројни генерации. Денеска нема ни откажување од студиите, Болоња дозволува пренесување на испити во недоглед. Од споменатите 9.800 во наредните 5 години ќе дипломираат најмалку 5.000-6.000 студенти, а од тој број околу 2.500-3.000 медицински доктори. Тоа е половина од вкупниот број на доктори, кои нормално би требале да бидат заменети во следните 20 години. Што ќе биде кога ќе им се приклучат уште и од новите факултети во Гостивар и Битола…
Што да кажеме на сето ова – да не беше страшно, ќе беше смешно.

Фејсбук пост на професорот Дејан Трајковски.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде