Едно лице загина во поплавите во Камник на северот на Словенија, објавија медиумите.
Порталот „Камник.инфо“ објави дека водата однела постар жител во атарот на населбата Бистричице.
Полицијата утринава соопшти дека пред куќа во месноста Камник е пронајдено тело на мештанин, но дека поради поплавите, не можеле да излезат на местото на настанот.
Силниот дожд предизвика големи поплави во западна, северна и во делови од централна Словенија, а Агенцијата за животна средина (АРСО) го крена алармот на највисоко ниво бидејќи се очекуваат нови врнежи и поплави.
Податоците на АРСО покажуваат дека во делови од северна, северозападна и централна Словенија паднале над 100 милиметри дожд во рок од 24 часа, што е просечната месечна количина врнежи.
Според прогнозата, се очекува дождот да продолжи да врне и в сабота, а за тие делови од земјата е издадено црвено предупредување бидејќи реките во некои делови се веќе излеани.
Во Коменда, северно од Љубљана, беше прогласена вонредна состојба поради поплавите, а од луѓето беше побарано да не ги напуштаат своите домови во Камник, каде што се затворени сите градинки бидејќи сите патишта се блокирани, пренесе агенцијата СТА.
Луѓето мораа да бидат евакуирани од неколку делови на земјата, вклучително и долината Личница во општина Медводе, северозападно од Љубљана.
Врнежите предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето и во северозападниот регион Горење.
Најлоша е состојбата во областа Шкофја Лока, во долините Селца и Полјана, кои се отсечени од светот поради поплавените патишта.
Во поширокото подрачје на Шкофја Лока поплавени се станбени, деловни и други објекти, а одрони им се закануваат на куќи и патишта.
Одрон во Требија оштети пожарникарско возило, а во Цирје се поплавени повеќе од 100 згради, меѓу кои и неколку деловни објекти, а повеќето патишта беа непроодни.
Поплавите и свлечиштата блокираа и неколку патишта во западниот град Идрија, каде што луѓето се повикуваат да не ги напуштаат своите домови, освен кога е потребно.