Во моментов од запад кон исток се преместува голема влажна и нестабилна воздушна маса, и истата е поврзана со студениот фронт од север, како и со циклонската активност со центар над Џеносвскиот залив, над Италија и над Јадранот.
Во најголем дел од државава поројните врнежи од дожд, проследени со грмежи и силен ветер продолжуваат. Локално ќе има појава на изразено невреме, проследено со интензивен пороен дожд (за кратко време над 20 л/м2), силен ветер,
силни и чести електрични празнења, како и со појава на град кој локално би можел да биде и крупен.
И во Скопскиот регион ќе има пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а можна е и појава на локално невреме.
Најсилно невремето ќе биде во централните и во источните предели од државава. Можни се штети и поплави поради очекуваните интензивни врнежи и невремето.
Токму поради ова апелираме граѓаните да бидат крајно внимателни, и да не излегуваат од своите домови додека трае невремето.
Од утре па во текот на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво, но значително посвежо и со засилен ветер од западен и од северозападен правец.
Максималните температури на многу места нема да се искачуваат повеќе од 25 степени, понекаде тие ќе бидат дури и под 25 степени, а во централните и во југоисточните предели до околу или малку над 30 степени.
Минималните температури понекаде ќе се спуштаат дури и под 10 степени, што значи пред нас е многу посвежо време, со многу посвежи утра, вистински горештини и екстремно високи температури нема на видик.
Очекуваме ваши фотографии доколку во вашето населено место има појава на невреме, или не дај Господе штети!
Извор: Метео аларм/ Славчо Попоски