Од ЈП „Национални шуми“ велат дека годинава е планирано зголемување на вкупната дрвна маса.
Иако сè уште е „изгор лето“, голем дел од граѓаните веќе се снабдуваат со огревно дрво. Домаќинската логика е да се нареди навреме дрвото, да се досуши добро и во зима да биде подготвено за греење.
Првите огласи за огревно дрво веќе се споделуваат, а цената е слична на минатогодишната околу 4.500 денари за кубен метар, објави Слободен печат.
– Продаваме мешавина од бука и од габер. Цената е 4.500 денари за метар кубен.
Превозот е наш, но ако станува збор за некое скопско село, во зависност од нарачката, ако е помала, би наплатиле на пример само 500 денари,
колку за бензинот – ни одговори еден приватен понудувач на огревно дрво, кој ни тврдеше дека сечата е легална за што ќе добиеме и документ при купување.
За дрва што се продаваат преку складиштата во кои се испорачуваат дрва од „Национални шуми“, важи ценовникот од јуни во 2022 година.
Според овој ценовник, еден кубен метар даб и багрем од склад е 3.564 денари, бука е 3.444, а јавор, јасен и брест е 3.243 денари.