„Неспособна власт која е за мајтап се подбива со власта чии успеси никогаш нема да ги достигне”.
Со овие зборови, поранешниот премиер Никола Груевски, во пост на Фејсбук, одговори на нападите од премиерот Димитар Ковачевски и од неговиот партиски портпарол, дека Христијан Мицкоски исто како и неговиот претходник Груевски, измислувале „светски заговори и специјални непријатели на Македонија“.
Во својот долг пост, Груевски говори за успесите на својата влада на меѓународен план. Во делот во кој пишува за односите со Бугарија, тој открива многу интересен детал:
„Во времето на таа влада Бугарија не помислуваше да ја блокира Македонија за членстовото во ЕУ и имавме редовни средби и дијалог со нив и со сите соседи, освен Грција, која држеше одредена дистанца, но со чии премиери имав можеби повеќе средби од средбите на Заев и на Ковачевски заедно, во обид да најдам решение за деблокада на членството во НАТО и ЕУ.
Само со Јоргос Папандреу имавме најмалку десет јавни и транспарентни лични средби најчесто во Брисел, но и во Грција(Преспа), Истанбул и на други локации каде бевме на различни настани, плус и средби со некои од нивните технички и преодни премиери кои во тој период беа повеќе.
Проблемите и влошувањето на нашите позиции почнаа кога се појави Заев и почна да пушта јасни сигнали на негова подготвеност за капитулација доколку му биде овозможено да стане премиер. Кога како претседател на СДСМ почна пешки да ја преминува границата со Грција, а подоцна со замина во Бугарија, каде на тамошните власти им предаде аудио материјали од разговорите на македонскиот државниот врв по прашањата поврзани со Бугарија (просто неверојатно!!!), со цел да им ги открие сите наши стратегии и планови во нашите односи и разговори, а истото го направи и со преставници на други земји. Ова не го претпоставувам туку го знам лично од некои нив, кои отворено се фалеа со неговата блискост и добиен материјал.
Проблемите очигледно почнаа кога раководството на СДСМ сфати дека со тој човечки потенцијал и капацитет кој тогаш го поседуваа, а особено лидерот, со нивните политики и неспособност, нема да може уште долго да го победи ВМРО-ДПМНЕ и одлучија да фатат еден друг пат, кој нè дотера до ова денес.
Се разбира, тоа меѓународно беше добро пречекано, иако можам да замислам, поточно знам што и тие луѓе – високи преставници на држави наши сојузници во себе мислеа за такви политичари, но сепак иако го знаеја нивниот капацитет и коруптивни мотиви кои подоцна се потврдија, ги поддржаа, бидејќи во тој момент им беа корисни”, пишува Груевски.
„Денешнава Северна Македонија предводена од овие неспособни е смешка, мајтап, трагикомедија, карикатура во однос на тоа што беше во тој период.
И сега смешката уште им се смее на оние чии цели и визија на поранешната влада ѝ се недостижни“, заклучува Груевски.
Ова е неговиот цел пост на Фејсбук: