Градоначалникот на Гази Баба вечерва со драматично обраќање: Имам закани по живот!

Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски преку Фејсбук информираше дека добива закани по неговиот живот и дека е доведена во прашање неговата лична безбедност.

– Почитувани граѓани,

Изминатиот период до мене се упатуваа директни и индиректни закани по мојот живот и безбедноста на моето семејство. Од вчера (10.09.2023 година), слободно можам да кажам дека доведена во прашање е мојата лична безбедност.

Сето ова доаѓа како последица на реализацијата на акцијата која општина Гази Баба ја спроведе со асистенција од Министерството за внатрешни работи за рушење на дивоградба изградена на државно земјиште во населеното место Инџиково, локација за која во завршна фаза е урбанистичко – планската документација со која на тоа земјиште се предвидува изградба на детска градинка за жителите на Инџиково.

За време на водењето на постапката, лицето кое ја градеше дивоградбата директно преку инспекциските служби, но и индиректно преку луѓе до мене упатуваше закани по живот.

Вчера наутро по моето пристигнување во просториите на општината од страна на службите бев известен дека е забележано присуство на лицето кое го градеше објектот пред капијата на општина Гази Баба, а во дворот непосредно до влезот во бараките на општината во близина на моето приватно возило се забележани двете лица со кои лицето кое го градеше објектот доаѓало на неколку пати во општината и во чие присуство ги упатувало заканите кон мене и вработените во инспекциските служби. Нивното присуство во општината траеше подолго време, што беше очигледно дека го очекуваат моето излегување.

Во текот на вчерашниот ден доставив пријава до надлежните институции заедно со фото-документација од целиот случај и што очекувам соодветна реакција од нивна страна.

Сакам јасно и недвосмислено да ставам до знаење дека не се плашам, ниту пак сето ова ќе ме поколеба во определбата да се спроведуваат и почитуваат законите, како и да се служи на граѓаните.

Од првиот ден кога Вие граѓаните ми ја дадовте довербата да бидам градоначалник, кажав дека ќе им служам единствено на граѓаните на општина Гази Баба и дека компромис со почитување на Законот нема да правам.

Секој што ќе постапи спротивно на Законот по однос на надлежностите на општината, без разлика на етничка, верска, политичка или било каква друга припадност ќе си сноси одговорност.

Толеранција нема да има за никого!

Сакам да се заблагодарам на големиот број граѓани кој по објавување на веста во медиумите за ваквите настани испратија пораки со силна поддршка до мене! – напиша Стефковски.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде