Груевски ги предупреди Мицкоски и Николовски: Ако кажам некои работи, нема да знаат што ги снашло

Оска против ВМРО-ДПМНЕ не може да создаде човек кој 15 години беше на чело на партијата, а 11 години ја водеше државата и ја одржуваше таа партија на власт, изјави Груевски во гостувањето во „Тешки муабети“ на порталот Инфомакс.

– Не е можно јас да направам оска против ВМРО-ДПМНЕ, тоа е пропаганда, слоган кој го смислиле. Очигледно се тргнати во една сосема непотребна офанзива, не знам дали на некому тоа треба да им го испорачаат, дали на Заев или на друг центар, дали се чувствуваат посилни па тргнале против Груевски, но од тоа само губат. Обично, еден лидер треба да сплотува, да ја прави партијата посилна, но овде тоа не го гледам – рече Груевски.

Поранешниот премиер демантираше дека имал било какви средби со претставници на власта. Груевски не ја исклучува можноста да постои договор меѓу Мицкоски и Заев за негово оцрнување. Тој тврди дека немал никаква комуникација со Мицкоски откако тој станал претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

– Мицкоски, откако стана лидер на партијата, ја прекина комуникацијата со мене. Првпат ме побара кога имаше исклучувања во партијата, два-три пати се видовме, ништо посебен разговор, оттогаш немаме никаква комуникација и тој сега се фали со тоа, тој е прилично горд што нема никаква комуникација со мене – вели Груевски.

Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека нема влијание врз пратениците од партијата.

– Јас најмалку една година немам разговор со ниеден пратеник, некој ако ми честитал Нова година, па сум вратил честитки. А и претходно многу ретко и никогаш на оваа тема. Еве нека излезе еден пратеник да каже дали сум го барал – рече Груевски.

Груевски смета дека независните граѓани не може да се привлечат со напади кон него, туку со конкретна понуда.

– Ќе привлечат независни гласачи ако имаат квалитетна понуда. Јас се трудам да се воздржам да не кажам некои работи кои ќе им направат голема штета. Прилично сум незадоволен за многу работи, но штедам зборови, внимавам што зборувам. Јас до 19 септември еден збор немам кажано против ВМРО-ДПМНЕ, иако со многу нивни политики не се согласував и сега не се согласувам, за да не направам штета.

Јас толку работи можам да му одговорам на Александар Николоски или на Христијан Мицкоски да не знаат што ги снашло, ама таа партија не е нивна, таа партија, барем јас кога бев, е на 181.000 и нешто членови. Се трудам да се воздржам за глупостите што поединци ги прават, како што знам, за да не направам штета, да не можат после со месеци да се отплеткаат – рече Груевски.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде