Нов протест на пензионерите од Свети Николе и денеска порачаа дека не се откажуваат од барањата за покачување на пензијата за 3.500 денари, како и усогласување на минималната пензија со минималната плата.
Трајче Станојков, член на Иницијативниот одбор за протести вели дека од утре протестите ќе ги радикализираат.
Улиците во Свети Николе ќе бидат блокирани со земјоделска механизација, а додаваат дека ќе користат и други предмети се до исполнување на своите барања.
-Продолжуваме со протестот без разлика на тоа каква одлука ќе се донесе. Нашето главно барање е покачување на пензијата линеарно за 3.500 денари и усогласување на минималната пензија со минималната плата.
Сакаме да покажеме дека ќе постапуваме и порадикално, патиштата овде во Свети Николе ќе ги блокираме од утре со земјоделската механизација, вели Станојков.
Пензионерите велат дека за неколку дена пред да земат пензија, оставени се во неизвесност оти не знаат колку пари ќе им легнат на сметки и што можат да си дозволат со тие пари.
До крајот на месецот се очекува од Министерството за труд и социјална политика да излезат со конкретни предлози за барањата на пензионерите.