Судењето против поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, започна од почеток, откако јавната обвинителка на денешното рочиште во Основниот Кривичен суд го трансформираше поднесениот обвинителен акт во обвинителен предлог, согласно измените на Кривичниот законик.
Поднесениот обвинителен акт е трансформиран во обвинителен предлог согласно измените на Кривичниот закон од септември 2023, кои што предвидуваат поблаго казнување за обвинетиот.
Врз основа на тоа е извршена измена на диспозитивот на сега поднесениот обвинителен предлог во делот на опфатот на законските елементи на кривичното дело кое му се става на товар, образложи обвинителката.
Согласно сега поднесениот обвинителен предлог, на поранешниот генерален секретар Зеќири му се става на товар делото „злоупотреба на службена положба и овластување“ – 353 став 4 кој предвидува казна затвор од 1 до 5 години, за разлика од претходно, кога му се ставаше на товар истиот член под став 5, кој предвидуваше минимална казна затвор од 5 години.
На денешното рочиште, поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, изјави дека не се чувствува за виновен за делото кое му се става на товар, а постапката продолжи со испитување на сведок на предлог на одбраната, сопруга на поранешниот генерален секретар, Бисера Зеќири.
Воедно, денеска беше укината и мерката притвор на Зеќири која беше заменета со мерки на претпазливост. Со мерките, Зеќири ќе треба секоја среда да се пријавува во судот, а ќе му биде одземена и патната исправа.
Според обвинението, Зеќири, како службено лице генерален секретар на Владата, со умисла извршил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Како што соопшти Обвинителството, во периодот од април 2021 до јануари 2022, со искористување на својата службена положба генерален секретар на Владата, првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија, осомничените за консултантската куќа од Хрватска прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 940.000 евра на штета на Буџетот на Македонија. Износ што бил поголем за 145.400 евра, бидејќи договорениот износ за вршењето на консултантски услуги бил 795.000 евра.
Одлуката за консултантските услуги била донесена претходно на седница на Владата, но не во износ кој Зекири го потпишал.