Според медиумите што ја пренесуваат, анкетата била спроведена телефонски во периодот помеѓу 25 и 27 октомври 2023 г., на примерок од 1 055 полнолетни испитаници на ниво на државава
За која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори? На ова прашање, според анкетата на Институтот за политички истражувања (ИПИС), која ја пренесуваат повеќе медиуми, најмногу или 23,3 отсто од испитаниците рекле дека не би гласале за ниедна партија, 12,5 отсто не сакале да се изјаснат, а 12,4 отсто рекле дека не знаат или немале одговор.Од определените, 20,3 отсто одговориле дека би заокружиле за ВМРО-ДПМНЕ, 11,3 отсто би гласале за СДСМ, 3,5 отсто се изјасниле за Левица, а 2,9 отсто за граѓанското движење на Максим Димитриевски.
Според објавеното, во резултатите од истражувањето не се појавува друга партија од, условно речено, македонскиот блок. Има категорија „друга партија“ покрај која стои процентот 1,1.
Како што пренесуваат медиумите што ја објавија анкетата, истражувањето на ИПИС, чиј програмски директор е Владимир Божиновски, била спроведена телефонски во периодот помеѓу 25 и 27 октомври 2023 г., на примерок од 1 055 полнолетни испитаници на ниво на државава. Не е наведено за чии потреби е реализирано истражувањето.
На прашањето во кој политичар имате најголема доверба – 34,2 отсто од испитаниците рекле дека немаат доверба во ниту еден политичар, 16,5 отсто се определиле за Христијан Мицкоски, 6,1 отсто рекле дека имаат најголема доверба во Али Ахмети, а 5,6 отсто се изјасниле за Димитар Ковачевски. Максим Димитриевски го избрале 3,9 отсто, Димитар Апасиев 3,8 додека Никола Груевски 3,7 отсто од испитаниците.