Владата на Република Северна Македонија на денешната седница донесе одлуки за трансформирање на средните општински училишта „Никола Карев“ од Струмица и ,,Коле Неделковски“ од Велес во Регионални центри за стручно образование и обука.
Со тоа бројот на Регионални центри за стручно образование и обука во државата се искачува на вкупно пет.
Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница, донесе Решение за формирање на Комисија за спроведување на постапката за избор на универзален снабдувач согласно Одлуката на Владата на Република Северна Македонија за започнување на постапка за избор на универзален снабдувач донесена на 20.10.2023 година.
Комисијата има за цел да ја спроведе целокупната постапка за избор на универзален снабдувач со електрична енергија по пат на јавен повик за избор на универзален снабдувач со отворена постапка, односно да го подготви јавниот повик, тендерска документација, вклучувајќи го и нацртот на договорот, и да изврши евалуација и изготви извештај за евалуација на понудите како и да достави до Владата предлог за избор на најповолен понудувач за избор на универзален снабдувач со електрична енергија или предлог за поништување на постапка.
Изборот на универзален снабдувач е во согласност со Законот за енергетика, заради остварувањето на правото на домаќинствата и малите потрошувачи поврзани на електроенергетскиот систем на универзална услуга во снабдувањето со електрична енергија.
Владата на Република Северна Македонија на денешната седница го разгледа и прифати усогласениот нов текст на Меморандумот за разбирање помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија и Министерството за земјоделство на Република Азербејџан.
Со Меморандумот се зајакнува соработката меѓу двете земји во областа на земјоделството, во делот на управување со земјоделски површини; одржлив развој на руралните средини; трговија со земјоделски производи; примена на нови технологии во земјоделството – паметно земјоделство; безбедност на храната и размена на најдобри практики.
Меморандумот е предвидено да се потпише во текот на месец ноември 2023 година, во рамките на пријателскиот однос меѓу Северна Македонија и Република Азербејџан, а имајќи го предвид развојот на меѓувладините односи со цел зајакнување и проширување на заедничката билатерална соработка.
Владата на Република Северна Македонија на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за промената на програмата на Зелени градови на Европската Банка за обнова и развој, поддржана од Зелениот климатски фонд.
Како што беше образложемно, ЕБОР подготви сеопфатен предлог за реструктуирање на Програмата Зелени градови поради фактот што во текот на последните пет години, од првичниот дизајн на Програмата, потребите на градовите значително се променија и сè уште се во фаза на закрепнување по трајните влијанија на пандемијата COVID-19, како и глобалните последици од енергетската криза. Со предлогот се предвидуваат зголемување на достапноста на грантови за инфраструктура, подобрена структура на заемот од Зелениот климатски фонд, проширување на опсегот на Програмата за Зелени градови, флексибилност на валутата на заемот, повеќе средства за техничка помош и повеќе средства за повеќе инвестиции во Северна Македонија. Република Северна Македонија соработуваше со Европската банка за обнова и развој, во рамките на Програмата за Зелени Градови од 2016 година до денес.