Српскиот актер Жарко Лаушевиќ (63) почина денеска по кратко и тешко боледување.
Ова, во име на семејството, го соопшти неговата сопруга Анита Лаушевиќ.
„Јавноста ќе биде навремено известена за датумот и местото на погребот“, се наведува во краткото соопштение.
Жарко Лаушевиќ е роден на 19 јануари 1960 година во Цетиње, а дипломирал глума на Факултетот за драмски уметности во Белград.
Бил член на Југословенско драмско позориште каде што има остварено улоги во голем број на претстави.
На филм дебитирал во 1984 во филмот „Прогон“, а истата година остварува значајни улоги во филмовите „Савамала“ и „Директен пренос“.
Голема популарност добива со улогата на Шиља во телевизиската серија „Сиви дом“.
После тоа играл улоги во повеќе од 20 филмски и телевизиски серии помеѓу кои се: „Шмекер“, „Свечена обврска“, „Се случи на денешен ден“, „Офицерот со роза“, „Браќа по мајка“, „Битка на Косово“, „Оригинален фалсификат“, „Кажи зошто ме остави“, „Нож“.