Во текот на вчерашниот и денешниот ден (15 и 16.11.2023) во повеќе градови во посебни акции полициски службеници извршија повеќе претреси во Скопје, Велес, Гостивар, Охрид и други градови, при што се приведени 16 лица и пронајдени се кокаин, амфетамин, марихуана, други видови дрога, пиштол, пари и други предмети.
Во еден од претресите во Скопје пронајдени се над два килограми амфетамин, околу половина килограм марихуана, дигитална вага, пари и пиштол.
Во друг претрес во Скопје пронајдени се три кеси со марихуана со вкупна тежина од околу еден ипол килограм. Министерството за внатрешни работи и во наредниот период продолжува со интензивните акции за сузбивање на нелегалната трговија со дрога, информираа од МВР.
Во продолжение сите случаи подетално:
– Денеска (16.11.2023) во Велес, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија при СВР Велес го лишиле од слобода Д.Б.(37) од Велес. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени кафеава прашкаста материја, дигитална вага и пари во различни апоени. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
– Вчеравечер (15.11.2023) околу 22.00 часот во Гостивар, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи во Гостивар ги лишиле од слобода 23-годишниот гостиварец С.Т. и 19-годишната Ј.В. од Република Србија.При претрес во неговиот дом во Гостивар, извршен со судска наредба, а во кој била затекната и Ј.В., биле пронајдени и одземени марихуана и кокаин. Двајцата се задржани во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување и документирање на случајот, по што против нив ќе следуваат поднесоци.
– На 15.11.2023 во 15.45 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишија од слобода В.Н.(37) од Охрид.При претрес во неговиот дом, извршен по судска наредба, биле пронајдени и одземени кафеава течност и предмети со остатоци од кафеава течност, но и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
– Денеска (16.11.2023) во Скопје, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Скопје ги лишиле од слобода Г.Ц.(31) и А.Н.(19), двајцата од Скопје. При претрес во домот каде што престојувал Г.Ц., извршен со судска наредба, а во кој била затекната и А.Н., пронајдени се и одземени над два килограми амфетамин, околу половина килограм марихуана, дигитална вага, пари и пиштол.По целосно расчистување и документирање на случајот ќе им биде поднесена соодветна пријава.
– На 16.11.2023 од страна на полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје, по претходно добиена судска наредба, извршен е претрес во дом на Б.А.(25) од Скопје. При претресот пронајдени се три кеси со марихуана со вкупна тежина од околу еден ипол килограм. Б.А. е лишен од слобода и задржан во полициска станица и против него по документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по брза постапка.
– На 15.11.2023 во 22.35 часот на улица „Партизанска“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид ги приведоа Н.Т.(59) од Охрид и А.Н.(28) од Струга затоа што кај нив е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
– Полициски службеници на СВР Тетово, вчера (15 ноември) околу 19 часот и 30 минути на улица „Радован Цониќ“ во Тетово го лишиле од слобода 24-годишниот Ш.А. од Тетово затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. Тој е задржан во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.
– Денеска (16.11.2023) во 01.30 часот на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје ја лишиле од слобода А.Н.(20) од Скопје затоа што кај неа била пронајдени и одземени бела прашкаста материја и таблети. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
– Денеска (16.11.2023) во 01.20 часот во с.Кондово-скопско, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Е.Н.(23) од с.Кондово, скопско, затоа што кај него бил пронајден и одземен канабис. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
– На 15.11.2023 во 22.30 часот на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.И.(19) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
– На 15.11.2023 во 12.30 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.Ш.(21) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
– На 15.11.2023 во 16.40 часот во Кичево, полициски службеници од Полициската станица Кичево го лишиле од слобода Н.В.(30) од с.Црвевци-кичевско, затоа што кај него биле пронајдени и одземени марихуана и дробилка. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
– На 15.11.2023 во Штип, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога при СВР Штип го лишиле од слобода Ј.П.(45) од Штип. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени: бела прашкаста материја, марихуана, дробилка, две дигитални ваги и пари. Во координација со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Штип, тој е задржан во Полициската станица Штип и по целосно комплетирање и документирање на случајот со кривична пријава ќе биде предаден на ОЈО Штип.