18-годишна девојка од Бугарија киднапирала бебе од болница во Хамбург и по два часа го вратила во болница. Како што пишува германски Билд, детето не е повредено, а 18-годишната тинејџерка е уапсена.
Девојка синоќа киднапирала бебе од клиниката Хелиос Мариахилф во Хамбург. Мајката на бебето (35) дошла во болница со својата ќерка родена пред 5 недели бидејќи детето имало висока температура.
Мајката и бебето биле прегледани на одделението за бебиња околу 19:45 часот. По прегледот, на жената и на детето им пришла 18-годишна Бугарка облечена во лекарска униформа.
Наводно и рекла на мајката дека пакетот пристигнал на информативното биро и дека може да го земе, а таа ќе се грижи за детето.
Откако било откриено дека се работи за лага, девојката во белиот мантил и детето ги немало. Тинејџерката побегнала од болница со бебето.
Мајката била во шок, но доволно присебна да повика полиција. Следела потрагата по детето и девојчето. Во акција биле вклучени патроли од целиот Хамбург, а алармирана била и специјалната полиција.
Речиси два часа подоцна, младата киднаперка го вратила неповреденото бебе во болница. Таа дошла во придружба на нејзиниот брат.
Како што пишува Билд, девојката наводно неодамна имала спонтан абортус и е во лоша психичка состојба. Таа е уапсена и сместена во полициска станица, а против неа се води истрага поради сомнение за киднапирање на малолетно дете.