Полицијата не се шегува: Паднаа над 20 криминалци во Струга, објавено видео од акцијата

Во голема полициска акција во Охридско-Струшкиот Регион, под раководство на обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, уапсени се 20 луѓе за продажба на кокаин, хашиш, марихуана и пиштоли. Дрогата е купувана од Албанија. Членовите на групата повеќе месеци биле следени од безбедносните органи и од Обвинителството за организиран криминал.

Според МВР, при апсењето во извршените претреси на 36 локации, пронајдени се и одземени оружје, муниција од различен калибар, кокаин, марихуана, пари, патнички моторни возила, мобилни телефони и други предмети. Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за организиран криминал поднесе кривична пријава против 23 лица и тоа, против В. Е. (32), Д. Е. (30), Љ. Ц. (37), Е. П. (38), Б. Х. (27), Е. Р. (20), К. Л. (52), Х. К. (43), И. Б. (35), А. Ж. (27), Е. Б. (25), Б. Ѓ. (27), Д. С. (35), С. Д. (29), М. Т. (38), Е. О. (21), К. З. (21), Ф. Џ. (26), Д. У. (76), Г. Т. (43), А. Ж. (46), С. Т. (37) и С. Н. (44).

Од јануари до ноември 2023, првоосомничениот В. Е. заедно со тројца други осомничени, се здружиле заради неовластена продажба и пуштање во промет на кокаин, хашиш и марихуана и за таа цел купувале од Албанија, ја држеле во сигурни куќи, ја пренесувале и продавале преку три развиени мрежи.Организаторот настрана од овие три мрежи за продажба, носел ексклузивно во два угостителски објекта во Струга, за кои Обвинителството не кажува кои се и чии се.Првоосомничениот (наркобосот) неовластено набавувал кокаин или марихуана од НН лица од Албанија и набавената количина ја пренесувал и сокривал на безбедна локација на подрачјето на Општина Струга, по што дел од дрогата наменета за брза продажба ја пренесувал во два угостителски објекти во Струга, а останатата количина на наркотичната дрога спакувана во помали пакувања се продавала преку мрежите воспоставени од останатите тројца организатори.

„Воспоставениот modus operandi се одвивал на ист или сличен начин. Првоосомничениот ги организирал и ги одобрувал продажбите, па при секоја продажба откако припадниците на групата кои имале улога на препродавачи ќе стапеле во контакт со заинтересиран купувач на наркотична дрога, го информирале организаторот на мрежата на која припаѓале, а по извршената купопродажба на наркотичната дрога, паричните средства ги предавале на организаторот.

Тој му ги давал на првоосомничениот, кој како награда им давал процент од постигнатата цена. Кога заинтересираните купувачи на наркотични дроги биле непознати за осомничените, се барало дозвола за продажба од првоосомничениот“, вели Обвинителството.

Во зависност од побарувачката на заинтересирани купувачи, кокаин спакувана во помали паковки се продавал по цена од 60 евра до 100 евра за 1 (еден) грам, 50 грама марихуана со висок квалитет по цена од 100-250 евра, додека масло од хашиш нелегално произведено во домашни услови се продавало по цена од 40 евра од кубик.

Во истиот временски период, четворица осомничени, се организирале како злосторничко здружение заради неовластено набавување, држење и продавање на огнено оружје и муниција кои на граѓаните им се забранети, а во тргувањето со оружје се приклучиле уште двајца од осомничените. Еден од организаторите од НН лица набавувал разно оружје и муниција што ги сокривал на безбедни локации на подрачјето на Општина Струга, по што останатите петмина осомничени контактирале со заинтересирани купувачи, нудејќи им оружје и муниција за продажба.

„Со дејствијата опишани во диспозитивот на Наредбата за спроведување на истражна постапка 20 лица се осомничени дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичен законик од нив тројца се осомничени и за сторено кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 ст.6 в.в. со ст.1 од Кривичен законик, за кое дело се осомничени и останатите три лица“, соопшти Обвинителството.

Во акцијата се уапсени 19 лица, три се недостапни на органите на прогонот, а едно лице е во притвор поради обид за убиство во друг кривично-правен настан. Предметниот обвинител од Организиран криминал ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, но и дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и оти со влијание врз сведоци и соучесници ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложил определување на мерката притвор за сите осомничени лица, од кои за две лица ќе предложи мерка куќен притвор.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде