Девет лица загинаа, а 15 се повредени кога напаѓачи со експлозив упаднале во рудникот Подероса во Перу и земаа заложници, соопшти синоќа Министерството за внатрешни работи на Перу.
Во соопштението се наведува дека полицијата „ја презеде контролата врз ситуацијата“, оти се уапсени седум лица и одземено е оружје, додека на специјалците им е наредено да влезат во областа за поддршка на локалната полиција.
– Напаѓачите влегле во окното на рудникот користејќи експлозив, насилно се однесувале со персоналот за обезбедување на рудникот и зеле четири лица како заложници, соопшти Министерството.
Нападот се случи една година по импичментот и апсењето на поранешниот претседател на Перу,
левичарот Педро Кастиљо, што предизвика повеќемесечни насилни, смртоносни протести во многуте рудници во оваа латиноамериканска земја.
Перу е втор по големина светски производител на бакар и значаен производител на сребро и злато.