Познат идентитетот на шестото лице осомничено за убиствата

Четириесет и шестгодишен скопјанец е уапсен и за него се бара краткотраен 48-часовен притвор поради сомнение дека му помогнал при бегството на Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. 

За ова вечерва информира Јавното обвинителство, во чие соопштение не се наведуваат конкретни имиња, но од контекстот е јасно дека станува збор за поврзаност со грозоморниот случај.  

Скопјанецот се сомничи за кривичното дело помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.  

Осомничениот, според соопштението на Обвинителството, го управувал возилото марка „ланд ровер“ со кое првоосомничениот за убиствата на Вања и Панче на 2 декември влегол во Бугарија на Граничниот премин „Калотина“ и излегол од оваа држава на Граничниот премин „Капитан Андреево“ кон Турција. 

„Основаното сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело произлегува од досега прибавените докази од Бирото за јавна безбедност, Сектор за меѓународна полициска соработка доставено до СВР Скопје во кое е наведено дека лице осомничено дека сторило кривично дело, по кое сега е распишана меѓународна потерница, на 02.12.2023 година било регистрирано на граничните премини во Р.Бугарија и тоа со влез во Р.Бугарија на ГП Калотина и излез од Р.Бугарија на ГП Капитан Андреево (кон Р.Турција).

И двете регистрации се со возило марка ‘ланд ровер’, управувано од осомничениот. Лицето е лишено од слобода и со него полициски службеници од Секторот за меѓународна соработка извршија информативен разговор“,се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.  

Сител телевизија вечерва објави дека осомничениот е со иницијали С.Д. (46)

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде