ТАЖНА ВЕСТ: Почина познатата македонска новинарка

Во Скопје во средата на 64 години ненадејно почина Искра Чоловиќ, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист. Беше родена е на 14 јануари 1960 година во Скопје, каде што заврши основно и средно образование, а дипломираше на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на групата историја на уметноста со археологија.

Во Радио Скопје се вработи во 1986 година како спикер и набргу израсна во еден од столбовите на македонското радиоспикерство. Во својата 22-годишна спикерска кариера, покрај презентацијата на вести и информации во информативните емисии на Македонското радио, таа имаше снимено повеќе илјади документарни прилози и емисии кои се дел од богатата и непроценлива аудио-документација на Македонското радио.

Од октомври 2006 година беше новинар во Детско-образовната редакција на Македонското радио – Радио Скопје и набргу нејзините емисии за деца, како што беа „Добро утро, љубопитни“, „Мал радиовесник“, „Шарена емисија“, „Нова планета“, „Меридијани“ и актуелните „Детско катче“ и „Утрински жуборења“, станаа едни од најслушаните на програмите на Македонското радио – Радио Скопје. Потврда за тоа беше излегувањето на 4 ЦД на „Добро утро, љубопитни“, како и на пет аудио-ДВД под наслов „Сложувалка“, кои всушност се антологија на „Шарената емисија“ – некогаш најпопуларната емисија за деца на Македонското радио – Радио Скопје.

Покрај тоа, таа беше коавтор на специјалните радио-емисии: „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ – (I-V), (2013), „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ – (I-II), (2015), Македонскиот јазик – бастион на македонскиот литературен јазик“ (2014) и „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“ (2015).

Искра Чоловиќ беше и позната македонска публицистка. Таа беше автор, коавтор или приредувач на 14 книги од областа на литературата, културата и меѓукултурниот, меѓуцивилизацискиот и меѓурелигискиот дијалог. Заедно со Свето Стаменов, таа беше и најзаслужна за повторното откривање, односно за симнување на речиси тридеценискиот вел на ненамерна или намерна заборавеност и речиси целосен молк за првата македонска поетеса Даница Ручигај, која загина во скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година, но која остави неизбришливи траги не само во современата македонска поезија, туку и во македонската култура воопшто

Погребот на Искра Чоловиќ ќе биде извршен во недела (17 декември) на Градските гробишата Бутел во Скопје во 13,30 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата од 12 до 13 часот.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде