Тажна вест: Почина познатиот македонски писател и познат шаховски проблемист

Александар Поповски, основоположникот на организираниот проблемски шах во Македонија, почина во Скопје, во 91-та година од животот (1932-1923).

Неговите почетоци на ова поле беа во списанието „Радио Скопје“ во 1950 година, кога воведе редовна шаховска проблемска рубрика, во чии рамки се одржа и првиот тематски турнир во компонирање.

Подоцна проблемската активност на Поповски продолжи и во други весници и списанија, за во весникот „Млад борец“ да воспостави содржајна рубрика со годишни информативни и тематски турнири. Преку овие рубрики своите први чекори ги направија голем број македонски проблемисти, кои го прославија името на Македонија во светот.

Во историјата на македонскиот проблемски шах ќе останат во траен спомен специјализираните проблемски списанија „Наши теми“ и „Фаланга“, чиј уредник беше тој.

Поповски почна како решавач, освојувајќи голем број први места на повеќе турнири, но негова основна преокупација, на која го посвети својот живот, беше компонирањето шаховски проблеми.

Има објавено над илјада проблеми низ светот, од кои повеќето се наградени. Покрај шаховски композитор и решавач, тој беше и новинар, писател на поезија и проза, уредник, издавач…

Поповски е автор на дваесетина дела за деца и возрасни, меѓу кои романите „Лето во Славино“ и „Правоаголен круг“, збирката кратка проза за деца „Еден ден војна“, како и на три антологии.

Студирал книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје и светска книжевност на Универзитетот во Љубљана. Работел како новинар во Радио Скопје, „Трудбеник“ и „Вечер“, како и во „Детска радост“, како главен и одговорен уредник на „Развигор“. Потоа беше главен и одговорен уредник на издавачката дејност „Александар и Александар“ во Скопје.

Член е на ДПМ од 1962. Добитник е на две награди на РТВ Скопје и на признанието „Младо поколение“. Во 2016 ја доби книжевната награда за деца и млади „Ванчо Николески“.

Извор: https://sdk.mk/

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде