Трагедија на Инфективна во Скопје: Од грип почина 45-годишна жена

Комисијата за заразни болести денеска забрани посети во болниците и во старските домови поради заштита од респираторните инфекции кои се во подем.

Препораката ќе му биде веднаш препратена на министерот за здравство и се очекува да стапи во сила брзо.

Директорката на Инфективната клиника, доктор Милена Стевановиќ информираше дека денеска починала 45-годишна жена на Клиниката од грип. Таа е шести починат пациент од грип во последните недели.

– За жал пациентката беше хоспитализирана кај нас краток временски период. Мораме да бидеме јасни дека заштитата и сериозниот однос кон грипот како болест мора да ја имаме сите.

Пациентката е релативно млада, на 45-годишна возраст, но жена со сериозни ризици за тешка болест, сериозно обезна, со дијабетес, хронична опструктивна белодробна болест, со хипертензија.

Тоа се карактеристики на пациент кој може да има многу тешка форма на грип. Бројките на случаи со грип растат, очекувано. За кратко време ќе го постигнеме пикот. Затоа треба сите да бидеме внимателни. Бројките со ковид се пониски. Дневно во амбулантата поминуваат меѓу 60 и 100 пациенти со грип.

Добро е што формите се лесни, може да се лекуваат дома, но секогаш ќе има пациенти кои ќе манифестираат тешка клиничка слика на грип. Грипот може да биде сериозна болест и сериозно треба да се сфати, а вакцината е најмоќното оружје против тешките форми на грип. Секој настинат и со благи симптоми да остане дома, со маска, апелираше доктор Стевановиќ.

Во моментот 7 пациенти со грип се хоспитализирани на Инфективната клиника. Хоспитализирани се и 6 пациенти со ковид, во поодмината возраст и со тешки коморбидитети. Комисијата за заразни болести апелира да се вакцинираат особено луѓето кои се во ризичните групи, постарите граѓани над 60 години, бремените жени, луѓето со хронични болести.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде