По повод роднеденот на легендарниот поп пејач Тоше Проески, на 25-ти јануари, естрадниот магазин „Бекстејџ“ подготвил емисија посветена на него, а во која ќе се појавеле повеќе личности кои со него соработувале професионално.
Но, како што информираат од магазинот, во специјалната емисија за Проески – „Дали времето лечи се?“, за првпат ќе се огласела и личност која сите овие години молчела, а имала што да каже.
– За Тоше ќе зборуваат личности со коишто има соработувано професионално, но и личност која сите овие години молчеше, а имаше што да каже и му беше еден од ретките вистински пријатели којшто тој ги имаше во својот живот – наведено е во најавата.
Изданието ќе се емитува на ТВ Телма во 17.55 часот на 25-ти јануари, и веќе го привлече вниманието на јавноста.
Да беше жив, годинава Тоше ќе наполнеше 43 години. Тој трагично го изгуби животот во сообраќајна несреќа на 16-ти октомври 2007 година, во Хрватска.
Посмртно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија, а денот на неговиот погреб, 17-ти октомври, беше прогласен за Ден на национална жалост.
Неговите песни и до денес се доста актуелни и се вртат во етер, а се изведуваат и на многу настани.
Извор: Фокус