Министерството за економија годинава ќе додели финансиска поддршка од вкупно 255 милиони денари или 4,1 милиони евра за инвертер – клима уреди кои ќе се исцрпуваат преку 7.000 ваучери, најави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Тој ги соопшти и критериумите и условите за аплицирање за средства од Програмата за поттикнување енергетска ефикасност на домаќинствата за 2024 година, како и од Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2024 година.
„Огласите за таа намена ќе бидат објавени утре на веб-страницата на Министерството за економија и во печатените медиуми „Коха“ и „Слободен печат“. Ќе важи условот „прв дојден – прв услужен“.
Огласот трае 20 дена од денот на објавувањето, со можност за продолжување од 15 дена, во случај на недоволен број пристигнати барања. Едно лице од едно домаќинство може да поднесе само едно барање за доделување на потврда – ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди.
Едно домаќинство може да поднесе барање само за една од програмите или за Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија или, пак, за Програмата за поттикнување за енергетска ефикасност“, соопшти Бектеши.
Министерот за економија ги повика граѓаните кои ги исполнуваат условите од утре да се пријават во Министерството за економија. Услов за добивање ваучер од 25.000 денари е домаќинствата во изминатите три години да не користеле средства од кој било извор за надоместок на трошоци за грејни уреди, печки на пелети или високоефикасни инвертер клима-уреди, да немаат приклучок на централно градско греење, уредот да го купат во текот на 2024 година, но и купениот уред, за да се избегнат манипулации, задолжително да грее на надворешна температура од минус 15 степени.
Ваучер во вредност од 25.000 денари по домаќинство, со вклучен ДДВ, ќе добијат домаќинствата кои живеат на територијата на општините на Пелагонискиот регион – Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци, Долнени и Југозападниот регион – Вевчани, Дебар, Дебрца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга, Центар Жупа, посочи Бектеши.
За оваа намена, додаде, се предвидени вкупно 100 милиони денари или 1,62 милиони евра.
„Ваучер во износ од 23.000 денари по домаќинство, со вклучен ДДВ, ќе добијат домаќинствата кои живеат во Скопскиот, Источниот, Југоисточниот, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот регион, за што се предвидени вкупно 110 милиони денари или 1,78 милиони евра“, рече Бектеши.
За да го остварат правото на учество по овој јавен оглас домаќинствата во изминатите три календарски години треба да не користеле средства од било кој извор за надомест на трошоци за грејни уреди – печки на пелети или високоефикасни инвертер клима уреди, да немаат приклучок на градско централно греење во станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот. Покрај тоа, уредот ќе треба да биде купен и вграден во текот на 2024 година, најдоцна до 30 ноември годинава, на адресата која е наведена во барањето.