Српската музичка ѕвезда Ѓорѓе Давид официјално ја напуштил Македонија, откако добил одобрение од судските институции.
По напуштање на земјава, Давид закажал конференција за печат за српските медиуми во текот на утрешниот ден.
„Ѓорѓе замина за Србија. Ги помина сите процедурални барања од нашите надлежни институции и во текот на вчерашниот ден доби дозвола да ја напушти Македонија. Тој, како и досега, е достапен на нашите органи и ќе се јавува во судот во Куманово еднаш месечно.
За се што има да каже во однос на ситуацијата, да го почекаме утрешниот ден и нашите медиуми ќе ги добијат сите релевантни и официјални информации од Ѓорѓе”, вели Вера Мештеровиќ, менаџер на Ѓорѓе Давид за Македонија.
На 22 јануари кумановското Обвинителство определи мерка на претпазливост и привремено му го одзеде пасошот и други документи на странскиот државјанин кој учествуваше во тешката сообраќајна несреќа, во која загина 49-годишна кумановка пред граничниот премин Табановце. Тогаш, по предлог на Обвинителство – Куманово му беа определени мерки на претпазливост – привремено одземање на патна и друга исправа (лична карта и возачка дозвола) за преминување на државната граница и обврска да се јавува во судот, соопшти тогаш Обвинителство.
Претходно СВР Куманово информираше дека во сообраќајната несреќа што се случи на 20 јануари на автопатот Куманово-Табановце на два километри пред граничниот премин, околу 20:00 часот, учествувале три автомобили, од кои едниот со српски национални ознаки.
-Во сообраќајката учествувале патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.Т.(24) од Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(45) од Куманово и патничко возило „опел инсигниа“ со српски национални ознаки, управувано од Ѓ.Н.(59) од Република Србија. Во несреќата, од здобиените повреди починала Љ.Т.(49) од Куманово, сопатничка во возилото „поло“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Куманово, информираше полицијата.
Со тешки телесни повреди се здобиле В.П. и Б. Т, а со телесни повреди се здобил Ѓ.Н., констатирани во Болницата во Куманово.