Куршумот бил најден пред влезот на куќата во Гостивар во која живее гостиварскиот градоначалник и претседател на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари.
Таравари тргнувал кон работното место кога го нашол куршумот пред својата куќа.
Откако лидерот на Алијанса ги известил вработените во својот кабинет, еден од нив го пријавил случајот на гостиварската полиција по што е започнат увид на местото на настанот.
Во партијата која ја води Таравари врие и има раскол меѓу актуелниот лидер и поранешниот претседател Зијадин Села.
Таравари смета дека Алијансата треба да се придружи на опозицијата во албанскиот политички блок во Македонија за да се „извршат промените“ и заеднички да ја поразат ДУИ на изборите.
Села кој е претседател на Централното претседателство на Алијансата за Албанците се залага за самостоен партиски настап на изборите. Покрај куршумот пред врата, расколот предизвика и физички напад синоќа во Тетово кога директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу (подржувач на Села) беше нападнат од подржувачот на Таравари, Кренар Османи.