Драги пријатели, би сакал да споделам со вас една приказна. Пред три дена, сестра ми си дојдоа од странство, па требаше да отидеме на аеродромот да ги пречекаме. Заедно со другарот, го земавме неговото детенце од градинка и појдовме.
А тоа, неодоливо и слатко, секогаш насмеано со дупчиња на обравчињата, едвај чекаше да си го види чиче. Кога излезе од градинката, силно го изгушкав и иако брзавме, застанав на 3 секунди и му реков на другарот: „Ајде, сликај нѐ заедно.“ И така, сите тројца веднаш тргнавме.
Прекрасен сончев ден. На другарот роденден, на некои ден на вљубените, на некои ден на жал… Само што излеговме на магистралниот пат од Кочани за Штип, почна вообичаеното лудо и неправилно пристигнување. Но денес, кобно. Со ненормална брзина, една кола од позади леташе во левата лента и нѐ престигна нас и една црвена кола пред нас, но за жал, наиде на кола што идеше од спротива. Страшен директен судир, двете коли летнаа во воздух и веднаш потоа се судрија и со трета кола – црвената пред нас.
За среќа, фала Богу, другарот држеше доволно растојание, па навреме закочи и успеавме мирно да застанеме. Веднаш истрачавме по трите коли да помагаме. Што да видиме, сите коли лом, сите заглавени и облеани во крв… Во црвената кола, четири жени со тешки повреди, од кои една бабичка со скршена нога. Во колата со виновникот што престигнуваше, совозачот починат на лице место, другите тешко повредени. Но најжално, во третата кола што идеше од спротива, дечко и девојка на 24 години, девојката на лице место почина. А штотуку се вериле претходниот ден, тргнале да си прослават…
Со саати многу луѓе пробуваа на сите да им помогнат и сѐ полека се расчистуваше со амбулантните коли, пожарната и полицијата. Но болката и лелекот на луѓето беа неописливи…
Оваа случка ја споделувам за поука. Да ја сфатиме одговорноста, а уште повеќе ризикот од несовесно размислување и како една таква постапка може да кошта животи. Колку што се виновни несовесните возачи, уште повеќе се виновни властите што ги оставаат лудо да возат. Во држава каде што законот не функционира, нормалните и невините страдаат. А да не зборуваме за трајните трауми и последици што ги носат таквите несреќи. Тешко е да се заборават такви слики, но ќе ја памтам пожртвуваноста на сите што храбро трчаа да помагаат и спасуваат.
И ќе се крепиме. Господ како дава живот, така одзема. Како одзема, така пак ќе даде.
А јас, ќе му заблагодарам на Господ за моите 3 секунди што не тргнав порано, зашто толку фалеше да бидеме и ние зафатени во целата несреќа. Оние 3 златни секунди, што ги одвоив да се сликам со детенцето…