Вицепремиерот Артан Груби вечерва во емисијата „360 степени“, прашан колку е веројатно да се формира коалициска влада со ВМРО-ДПМНЕ, истакна не ја исклучува можноста, но под услов претходно да се изгласаат уставните измени.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ ги изгласа уставните измени пред формирањето на влада, зошто да не.
Ако се реформирала доволно, ако е европски ориентирана, ако докаже дека е подготвена да жртвува од својот т.н. рејтинг, за доброто на државата, како што направи СДСМ во минатото, тогаш – да, заслужува шанса.
Но, ако остане на ставот дека ниту пред ниту потоа, ниту на следни избори нема да има уставни измени, тогаш што би барала ДУИ во една таква влада или во влада со партнер којшто гледа алтернативни решенија на ЕУ. Во ДУИ нема алтернатива.
Нема алтернатива за ЕУ, НАТО и стратешкото пријателство со САД“, истакна Груби.
Тој додава дека во ДУИ се размислува по изборите да се бара прво да се изгласаат уставните измени, а потоа да се оди на формирање влада.