Aко треба да ме судат граѓаните -нека ме судат, моја беше одлуката да прекинат гужвите пред пунктовите и да има турканици.
Две и пол години граѓаните беа лажени, повторно ли се ВРМО-ДПМНЕ виновни што немаме исправи? Заклучно дененеска сите кои се фотографирани за лични исправи, очекувам за месец и половина да им бидат изготвени на граѓаните.
Не е точно дека истиот ден кога станав министер стигнаа педесет илјади обрасци, стигнаа наредниот ден, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Само Интервју.
ВМРО – ДПМНЕ ќе победи на изборите и сигурен сум дека ќе формира Влада и тоа на начин што врз основа на принципи и вредности да даде максимум од себе, рече министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски, во „Само Интервју“ на Канал 5 телевизија.
На прашањето ако услов бидат уставните измени, тој потенцира дека на средбите со сите амбасадори им вели дека најголема негова желба е да ја види Македонија дел од европското семејство.
– Само една работа сакам повеќе од таа, само мојот народ си го сакам повеќе од тоа да ја видам Македонија дел од европското семејство и не верувам дека вие би направиле нешто поразлично од мене, изјави меѓу другото техничкиот министер за внатрешни работи.
Прашан дали има интерес да остане на оваа позиција, Тошковски одговори дека адвокатурата е негова животна љубов, но од друга страна, подвлече, можноста да им помогнете на луѓето е уште поголема.
Тошковски повторно ги повика пратениците од СДСМ и од ДУИ да го изгласаат Законот за патни исправи, а луѓето од другите „фели“, како што нагласи, да не се мешаат во правото затоа што овде нема „фаул“ освен што има мака за граѓаните.
– Нека го сменат законот, барам 10 месеци, барам разумност. Само ние го кршиме меѓународно право моментално, само Македонија и Грција, рече Тошковски.
Според него, фотографирани граѓани кои не добиле патна исправа се околу 105 илјади, како што рече, тие кои се фотографирани заклучно со денеска, би ги добиле пасошите ако оди динамиката како што треба, ќе ги добијат максимум за месец и половина.
Во овој момент, Тошковски информира, на активниот телефонски број за закажување за вадење нови лични документи има 75.000 нови закажувања за фотографирање. Додава и дека во текот на изминатите денови се направени презакажувања за дополнителни 56 000 лица кои претходно имале закажано термин за фотографирање за во јуни, јули или август.
Во однос на проблемот со патните исправи, како што наведе, за здравствени случаи, „за не дај Боже случаи“ каде има потреба од итност, луѓето можат да исконтактираат со неговиот и со кабинетите на дополнителниот заменик министер или на заменикот. Со соодветна комуникација за тие луѓе секогаш ќе се обезбеди пасош и затоа секогаш оставаме одредена бројка од илјада или две илјади зависи од тоа колку обрасци имаме, наведе Тошковски.
Прашан за тоа дали постојат „свароски“ списоци за фотографирање за пасоши, Тошковски одговори дека за ова прашање треба да се прашаат дополнителниот и заменикот министер во МВР, а тој, како што рече, „ќе си ќутам на ова прашање“.