Тажна вест: Почина академик Јордан Поп-Јорданов

На 98-годишна возраст вчера почина академик Јордан Поп-Јорданов, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Погребот на академик Поп-Јорданов ќе се изврши денеска во 12 часот на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.

По повод неговата смрт, Македонската академија на науките и уметностите в петок, на 15 март 2024 година, ќе одржи Комеморативна седница во 12 часот.

Акададемик Јордан Поп-Јорданов (1925 – 2024) е роден во Велико Градиште, Србија, на 23 ноември 1925 година. Гимназија завршил во Штип. Во 1956 година дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје (средна оценка 9,94), а во 1960 година техничка физика на Електротехничкиот факултет во Белград (средна оценка 9,32).

Докторирал на Електротехничкиот факултет во Белград во 1964 година. Бил на стручно усовршување во Англија, Советскиот Сојуз и Швајцарија. Од 1960 год. работи во Институтот „Борис Кидрич“ во Винча во повеќе научни звања и раководи со група млади научни работници. Во 1971 година преминува на Електротехничкиот факултет на Белградскиот универзитет, каде останува како редовен професор сé до крајот на 1983 година, кога се враќа во Скопје.

На редовните и постдипломските студии на Електротехничкиот факултет во Белград држел настава по атомска и статистичка физика, енергетска микрофизика и квантна електродинамика. На истиот факултет основал и постдипломска насока за сончева енергија, прва во Југославија од оваа проблематика.

Предавал и на постдипломски студии на Природно-математичкиот и Филозофскиот факултет и во Центарот за мултидисциплинарни студии на Белградскиот универзитет, како и на Електротехничкиот факултет во Скопје.

Автор е на универзитетските учебници „Нерамнотежна статистичка физика“ (1981) и „Квантна електродинамика“ (1983), како и на неколку книги во земјата и странство. Објавил околу 300 научни и стручни трудови главно во меѓународни научни списанија и монографии, од кои најмногу се од полето на неутронската физика, електричното инженерство, енергетиката и одржлив развој, мозочниот електрицитет и филозофијата на науката.

Учествувал на повеќе меѓународни научни собири во дваесетина земји на Европа, Америка и Азија, најчесто како поканет експерт. Реализирал голем број научни проекти, од кои преку 20 имале меѓународен карактер. Неговите резултати се користени во многу странски статии, монографии и докторски дисертации.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде