Вчера, по кратко боледување почина Зорица Георгиевска, долгогодишна актерка и радио режисерка во Македонското Радио, авторка на повеќе радиодрами, една книга прозни записи „Од другата страна“, една книга сценарија објавени под наслов „Две сценарија за филм“. Авторка е на сликовницата „Прашалниците на Мирко“ (2023).
За Македонското радио има режирано повеќе од 200 радио драми. Авторка е и режисерка на популарноста радиодрама за деца „Телефонско јавување“ за која ја добива специјалната награда за радиодрама на Македонското радио.
Режирала и за повеќе радио центри во бившите југословенски простори и во Словачка. Остварила значаен број актерски улоги во македонската радио драмска продукција и во значајни играни програми во МРТВ. Како статистка се појавува и во првиот македонски филм „Фросина“.
Добитничка е на повеќе награди за радио режија на фестивалот „Недела на Радиото“ во Охрид и на различни конкурси за радиодрамски дела во Македонското радио.
Како искусна режисерка, во последните десетина години од својот работен век експериментира во областа на радиофонијата и со посебен успех го промовира циклусот „Ехото на поетот“, јавувајќи се како интерпретатор, сценарист и режисер на издадени поетскомузички дела работени врз стиховите на познати македонски поети како Коста Рацин и Ацо Шопов.
По пензионирањето продолжува со пишување и ја издава книгата сценарија за филм. По повеќегодишен прекин, повторно се враќа на книжевноста. Она што е изненадувачки е дека во својата 80 година ги прави своите први цртежи, со нив предизвикува внимание во околината, а пошироката јавност имаше можност да ги види нејзините цртежи преку реализација на изложбата „Небото над Идила“.