360 степени: Пресретнат обид за бегство – Полицијата пронајде два тунела во затворот Идризово

Два тунела кои требало да бидат употребени за бегство на непознат број затвореници се откриени во најголемиот македонски затвор КПД „Идризово“, дознава „360 степени“.

Постоењето на тунелите е потврдено при денешниот претрес на полицијата, кој се одвива по наредба на Обвинителството, иако сознанијата постоеле од пред извесно време.

Засега, нема официјална потврда за пронаоѓањето на тунелите, но „360 степени“ доби потврда од два добро упатени, независни еден од друг, извори дека во најголемиот македонски затвор, всушност, е пресретнат обид за бегство.

До овој момент, во единственото официјално соопштение од Обвинителството не се откриваа причините за наредбата за претрес.

„Во акција координирана од Основното јавно обвинителство Скопје, поради сомневања за кривичноправни дејствија, утрово се извршени претреси во КПУ ’Идризово’ – Скопје со цел обезбедување доказен материјал“,соопштија од Обвинителството.

„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска (11.4.2024 г.) под координација на ОЈО Скопје и по барање на КПУ ’Идризово’, даде асистенција на затворот во вршење на претреси на повеќе простории со цел обезбедување доказен материјал поради сомневања за кривичноправни дејствија. Претресите се завршени и сите активности поминаа без никакви проблеми“,соопштија од МВР.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде