„Ти оставаш зад себе планина и од тага и од дела“ – Колегите новинари во шок од прераната смрт на Саше Димовски

Потресни објави на социјалните мрежи во кои колегите новинари се простуваат од прерано починатиот новинар Саше Димовски.

Имаше 47 години, а почина изненадно по тешки здравствени компликации низ кои минуваше последниве години.

Беше одличен познавач на судството, праведен и голем човек, велат колегите за него.

– Светол пат, драг! Нѐ смрзна сите оваа ужасна вест. Ти оставаш зад себе планина и од тага и од дела, објави новинарката Катарина Синадиновска.

– Почивај во мир Саше, последниот новинар кој вистински ги познаваше случувањата во судството и толку многу пати ни се најде и ни помогна. Во моето сеќавање вечно ќе стои твојот ентузијазам за животот кој го сакаше и покрај сите пречки и предизвици кои ти ги приреди и со кои храбро и достоинствено живееше. Како што малкумина од нас би можеле, напиша колешката Сашка Цветковска.

– Ах бе Саше… Уште те чекам да се појавиш од некаде да ја демантираш оваа лоша вест да речеш проверувај од три извори Мирославо! Не постоеше поправичен од тебе во Советот на честа на Здружението на новинарите, ниту пак постоеше некој новинар што подобро го разбираше судството. Имаше во тебе бунт ама не тинејџерски туку стручен. Ми е жал што се нервираше за се и сешто во оваа држава. Остроумен и не се предаде никогаш. Ти за мене беше Саше и ќе останеш најдобриот новинар што Македонија го имала во областа на судството. Почивај во мир, објави новинарката Мирослава Симоновска.

– Ќе ми фалиш другариште ни едно. Една цела енциклопедија на смешки, судски приказни, новинарски драми, се затвора со тебе. Уште долго нема да има друг толку принципиелен и информиран како што беше ти. Почивај во мир драг мој Саше, објави Ели Пешева.

– Нè напушти другар. За неговите професионални новинарски достигнувања, способности, знаења, умеења и интегритет ќе оставам да кажат колегите и сигурна сум дека ќе го опишат Саше онака како што јас никогаш не би можела. Но, мене ме напушти другар. Кој секогаш креваше телефон, кој секогаш беше тука ако треба, со кој сме имале бескрајни разговори и смеење. За неговиот сарказам, отвореност, аналитичност, бескомпромисност, инсистирање за следење на законот и етиката, ќе зборуваат долго и неговите пријатели и неговите непријатели. Во правосудни кругови, додека јас имам кариера ќе се зборува за Саше, зошто пред него немало, а после него нема да има таков човек. За тоа дека загубивме “гугл” на “тајните” врски во судството ќе оставам сите да осетиме празнина. И ќе осетиме, вели во својата емотивна објава правничката Сузана Јошевска Анастасовска.

– Со штотуку наполнети 19 години редакцијата ми изгледаше како сцена од здодевен филм. Нељубезни и нервозни фраери и амбициозни женски. Професионална просечност и ендемска неталентираност, ама и злобност, гордост и надменост. Ужас. На само едно од лицата можеше да се пронајде љубезност, искреност и добар хумор, напиша колегата Срѓан Ивановски.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде