Метео анализа на Славчо Попоски:
Од утре (недела) па се до средината на следната седмица, односно некаде до среда, нашата територија ќе биде под влијание на висински циклон кој ќе биде со центар над Италија. Токму поради ова и атмосферата ќе биде исклучително нестабилна и исполнета со многу енергија, и тоа поради долготрајниот екстремно топол бран “ЛУЦИФЕР” кој полека го губи својот интензитет.
Во ваква ситуација, се очекува да има честа појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На повеќе места во Македонија ќе има и појава на силно невреме, проследено со обилен пороен дожд кој би можел да услови локални поројни поплавувања, силни грмежи и електрични празнења, силен ветер и со појава на град. И во Скопската котлина од утре (недела) во попладневните часови, па се до средината на следната седмица ќе има честа појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината можна е и појава на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни грмежи и електрични празнења и со појава на град.
За време на овој циклонски систем, локално ќе наврне позначително количество на воден талог (над 30 л/м2). Токму овие врнежи и тоа како добро ќе дојдат за да помогнат во гаснењето на пожарите во Македонија.
Апелираме, во случај на појава на невреме и на електрични празнења, да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Што се однесува до температурите, тие секој нареден ден постепено ќе опаѓаат, па така најсвежо ќе биде во почетокот на следната седмица кога максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 27 до 33 степени.