На 78 години почина академик Глигор Каневче, научник и професор од областа на енергетиката, животната средина, термотехниката, термоенергетиката и процесната и мерната техника.
Роден во Охрид, поголемиот дел од животот го помина во Битола. Дипломирал на Машинскиот факултет во Белград (1969), а докторската дискретација ја одбранил на Техничкиот факултет во Нови Сад (1982).
Од 1970 до 1983 беше водечки истражувач во Институтот за нуклеарни науки „Борис Кидрич“ во Винча, а потоа работеше како професор на Техничкиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.
Има престојувано и одржано предавања во повеќе земји, каде што остварил богата научна соработка.
Од 1990 до 1992 беше раководител на постдипломските студии по процесно инженерство на Техничкиот факултет во Битола, каде што беше и декан (1995-1997). Беше претседател на Сенатот на Универзитетот во 2003.
Од 2000 беше член на Македонската академија на науките и уметностите, како и член на МНД во Битола од 1986.