Американскиот актер Џејмс Ерл Џоунс, кој публиката најмногу го памети по гласот на негативецот Дарт Вејдер од франшизата „Ѕвездени војни“ („Star Wars“), почина во понеделникот на 94-годишна возраст, потврди неговиот агент.
Џоунс долго време боледувал од дијабетес и починал во својот дом опкружен со членови на семејството, изјави неговиот агент Бери Мекферсон. Причината за смртта не е соопштена.
Актерот, чиј моќен, длабок глас го оживеа легендарниот негативец Дарт Вејдер, глумеше повеќе од шест децении и освои 3 награди Тони, вклучувајќи награда за животно дело во 2017 година, 2 награди Еми и 1 награда Греми. Во 2011 година, Американската филмска академија му додели награда за животно дело.
Џејмс Ерл Џоунс е роден во 1931 година во Мисисипи, а во детството се соочил со силно пелтечење.
„Луѓето доаѓаа во куќата, се претставувавме, а јас не можев да го кажам своето име“, рече тој во интервју за PBS во 2014 година, опишувајќи колку бил тежок неговиот проблем. Во детството научил да молчи долго време.
„Сфатив дека понекогаш тишината не е лоша. Добра е за слушање. Научив да слушам“, рекол Џоунс.
Џејмс Ерл Џоунс зад себе го остави синот Флин Ерл Џоунс од бракот со Сесилија Харт, која почина во 2016 година по 34 години брак.
Ќе остане запаметен како еден од најголемите актерски таленти, чиј глас остави неизбришлива трага во светот на филмот и телевизијата.