Во сите храмови на Македонската православна црква утрото ќе се одржуваат литургии.
Рождество на Пресвета Богородица или Мала Богородица — еден од 12 големи празници во православието кој го слави раѓањето на Богородица.
Таа е родена во Назарет од стари и бездетни родители, благочестиви Јоаким и Ана како одговор на нивните молитви. Се слави на 8 септември според јулијанскиот календар или на 21 септември според грегоријанскиот календар.
Меѓу народот овој празник се слави и со различни обичаи, посебно посветени на раѓањето.
Се верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат.
Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца.
Жените на овој ден не треба да работат никакви домашни работи и денот треба да го поминат во молитва.
Многу семејства овој празник го слават како домашна слава.