Вчера, среда, 25 септември 2024 годинаво поладневните часови почина еден од доајените на македонската музика, познатиот музичар, гитарист и композитор Петар Лукиќ (90).
Целиот свој работен век го мина во оркестрите на Македонската Радио Телевизија (МРТ), поточно нејзината тогашна Музичко – касетна продукција.
Најпрвин како гитарист и дел од Танцовиот оркестар, за подоцна да се префрли во Народниот оркестар.
Не само што важеше за врвен музичар, туку Лукиќ беше и композитор и аранжер кој зад себе остави значајни композиции и во забавниот и во народниот жанр на новосоздадената македонска песна.
Негови композиции се изведуваа на најпознатите македонски фестивали и на забавна и на народна музика, а неговите песни ги пееја познати македонски, но и регионални пејачки ѕвезди.