Јавноста со шок и неверување ја прими веста за загинувањето на трите медицински лица во сообраќајната несреќа што утрово се случи на патот Прилеп-Битола.
Колегите на социјалните мрежи се простуваат од врвните лекари кои работеа во болницата „Плодност“ во Битола.
– Денеска загубивме тројца наши драги колеги, врвни професионалци и пред сè големи луѓе. Со неизмерна тага ја примив веста за трагичната сообраќајна несреќа во Прилеп, во која животите ги загубија примариус д-р Александар Ристески, радиолог, д-р Никола Василевски, гинеколог, и рендген техничарката Фанче Јовановска, сите дел од приватната болница Плодност од Битола. Загубивме луѓе кои посветија живот за доброто на другите и кои оставија неизбришливи траги во здравството. На семејствата, блиските и колегите на загинатите им изразувам најискрено сочувство. Нека им е вечна слава, сподели ексминистерот за здравство и неврохирург Венко Филипче.
– Катастрофална загуба за Македонија и македонското здравство, во трагична сообраќајна несреќа утрово изгубивме двајца врвни лекари Прим. Д-р Александар Ристески и д-р Никола Василевски. Животот го загуби и рентген техничар Фанче Јовановска. Сочувство до семејствата и блиските, ова е навистина тажен ден. Сочувство и до целиот персонал на болницата Плодност, напиша доктор Ненад Лазаров.
Емотивна објава сподели и новинарот од Канал 5 телевизија Гоце Михајловски, кој се прости од својот другар Никола.
– Нема збогум, пак ќе се сретнеме некогаш! Прво ми беше цимер, а потоа ми стана најдобриот другар. Не знам дали и јас нему, имаше многу пријатели и другари, но знам дека и двајцата се радувавме како мали деца на секоја средба и небројаните часови муабети. Бевме сродни души некако, делевме исти вредности и идеали, имавме исти соништа. Беше човек во вистинската смисла на зборот, кој денес ретко се среќава. Благодарам на привилегијата да другаруваме. Тешко ми е да кажам збогум. Не можам да поверувам дека на ваков начин се разделуваме, ама сакам да верувам дека некогаш пак ќе се сретнеме! Засега само поздрав Кољо, напиша Михајловски.