Убиство или самоубиство? Загина познатиот светски пејач по пад од зграда

Британскиот пејач и поранешен член на поп групата One Direction Лиам Пејн е пронајден мртов во Аргентина, соопштија локалните власти.

Пејн, кој имал 31 година, паднал од третиот кат на хотел во Буенос Аирес, соопшти тамошната полиција.

На местото на инцидентот пристигнала брза помош, но Пејн веќе бил мртов.

„Лиам Џејмс Пејн, поранешен пејач и гитарист на One Direction, почина по пад од третиот кат на хотел во областа Палермо“, се вели во соопштението на полицијата.

Оттаму додаваат дека пред тоа полицијата добила пријава „за агресивно однесување на маж, најверојатно под дејство на дрога или алкохол“.

Аргентинските власти покренаа истрага и се обидуваат да утврдат што ја предизвикало несреќата.

Пејн се стекна со меѓународна слава како дел од многу популарниот тинејџерски бенд во кој беа вклучени и Хари Стајлс, Луис Томлинсон, Ниал Хоран и Зејн Малик.

Пејн дошол во аргентинската престолнина за да присуствува на концертот на уште еден поранешен член на оваа група, Ниал Хоран.

Пејн, роден на 29 август 1993 година, двапати учествуваше во британското телевизиско шоу „X Factor“, во 2008 и 2010 година.

Групата престана да настапува во 2016 година, а Пејн и другите членови продолжија соло кариера.

„Лиам беше клучен член на бендот. Тој помогна да се напишат многу песни и, се разбира, имаше многу успешна соло кариера по распадот на бендот“, вели новинарот на Би-Би-Си, Марк Севиџ.

Во 2017 година, Пејн го издаде својот дебитантски соло сингл „Strip That Down“, кој го достигна третото место на топ листите во Велика Британија, а неговиот дует со Рита Ора – „For You“, од саундтракот „Fifty Shades Freed“, влезе во топ 10.

Лијам Пејн беше накратко во брак со Шерил Кол, популарна британска пејачка и поранешна членка на „Girls Aloud“, со која има син.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде