Пол Ди’Ано, поранешен пејач на хеви метал бендот „Ајрон Мејден“, почина на 67-годишна возраст, во својот дом во Солсбери. Веста за неговата смрт ја потврди неговата издавачка куќа „Conquest Music“.
– Во име на неговото семејство, „Conquest Music“ со тага ја потврдува смртта на Пол Ендрјус, професионално познат како Пол Ди’Ано – се вели во соопштението на издавачката куќа.
Пол Ди’Ано беше легендарен пејач чиј експлозивен хеви метал вокал и енергичниот панк рок став засекогаш ја променија музичката сцена. Откако се приклучи на „Ајрон Мејден“ во 1979 година, бендот стана светска атракција за само една година.
Од 1979 година, Пол Ди’Ано има издадено огромен број албуми со „Ајрон Мејден“, Battlezoen, Killers, Gogmagog и како соло изведувач и свирел илјадници концерти низ целиот свет.
Неговата кариера ненадејно беше прекината пред 11 години поради низа здравствени проблеми кои го оставија во инвалидска количка. Благодарение на бројните фанови, Пол не беше заборавен; собрале пари за негово лекување и рехабилитација, а го оперирале врвни лекари од Хрватска.
– Ме спасија хрватските лекари, вашите стручњаци се едни од најдобрите. Ме кренаа на нозе, откако во Англија ми кажаа дека нема начин да ме спасат и дека веројатно никогаш повеќе нема да одам. Благодарение на вашите стручњаци, ја вратив вербата во закрепнување и враќање на сцената – изјави тогаш за „24 часа.хр“.
Ди’Ано последен пат настапи во Загреб минатиот октомври, за да им се заблагодари на сите Хрвати кои му помогнаа на патот кон закрепнувањето.