Славчо Попоски со вонредна временска прогноза

Под влијание на изразена циклонска активност со центар западно и северозападно од нас, од утре (среда 20.11.2024), до (сабота 23.11.2024) во Македонија под влијание на серија на изразени влажни воздушни бранови ќе има повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат обилни и поројни, локално и проследени со појава на грмежи.

Повремено на планините врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег, со што до сабота на овие места ќе се формира  и снежна покривка.

Во четврток, а особено ноќта петок кон сабота, и во сабота наутро и претпладне поради продор на значително постудена воздушна маса од север, врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег  и во повисоките места.

Има услови снежната граница локално, и тоа особено во западните и во северните предели да се спушти од околу, па  и под 1000 метри надморска височина, со што услови за повремен снег ќе има и во повисоките населени места (градови).

Сето ова ќе биде проследено и со засилен до силен ветер од јужен, југозападен и од западен правец, а во сабота ветерот ќе го промени својот правец во северен. Повремено и локално ветерот ќе достигнува брзина од над 80/90 км/час, а на планинските места дури и над 100 км/час. Токму поради ова апелираме граѓаните да бидат крајно внимателни, особено каде ги ставаат своите автомобили, односно истите да бидат понастрана од дрвјата.

И во Скопскиот регион од утре (среда) до (сабота) ќе има повремени врнежи од дожд, проследени со засилен до повремено силен ветер од југоисточен, а во сабота од северен правец.  Во делови од Скопскиот регион повремено ветерот ќе достигнува брзина од над 70/80 км/час. Повремено на околните планини, особено во четврток и во сабота ќе има врнежи од снег, а во сабота провејување на снег ќе има  и во повисоките предели од Скопската котлина  особено наутро и во претпладневните часови.

Што се однесува до температурите, утре (среда) тие ќе се искачуваат во интервалот од 10 до 19 степени, во четврток ќе биде постудено со температури кои ќе се искачуваат во интервалот од 4 до 13 степени во најтоплите југоисточни предели. Во петок тие повторно накратко ќе се зголемат  и ќе се искачуваат во интервалот од 5 до 13 степени, а во југоисточните предели тие ќе достигнат до околу, или малку над 15 степени.

Во сабота температурите позначително ќе опаднат  и ќе се искачуваат во интервалот од 3 до 11 степени, додека во повисоките  и планинските места тие ќе бидат до околу, па  и под нулата.

Особено студено ќе биде од недела наутро, кога ќе има појава на умерени до јаки мразеви и температурите ќе се спуштаат во интервалот од -8 до -1 степен, а особено на високите и планинските места тие ќе бидат и пониски. Сето ова е поради разведрувањето кое се очекува од сабота навечер и ноќта кон недела.

Уште да напоменам дека за време на овие бранови на врнежи, до сабота локално ќе наврне позначително колиечство на воден талог (над 30 литри на метар квадратен).

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде