Дванаесетгодишен ученик од ОУ „Блаже Конески“ од Велес вчера заврши на Клиниката на неврохирургија во Скопје со тешки повреди на мозокот, откако друг основец го давел и му ја удирал главата.
Од СВР Велес потврдија дека повреденото дете било однесено со итна медицинска помош во велешката болница.
– Во Полициска станица Велес, вчера, 20 ноември било пријавено дека во Општинско основно училиште во Велес малолетник физички нападнал друг малолетник, кој е негов соученик.
Со Итна медицинска помош Велес нападнатиот малолетник бил однесен во болницата во Велес за укажување на лекарска помош. За настанот се известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи Велес. СВР Велес презема мерки за расчистување на случајот, изјави Биљана Ѓаковска, портпаролка на Сектор за внатрешни работи Велес.
Директорката на основното општинско училиште „Блаже Конески“ Маја Коруновска испрати официјален став во кој се вели дека ги известиле сите надлежни органи и ги презеле потребните мерки.
-На 20.11.2024 година пред почетокот на вториот час за време на малиот одмор се случи немил инцидент помеѓу двајца ученици од предметна настава. Од страна на предметните наставници, стручната служба и директорот веднаш е постапено со тоа што е повикана Итна медицинска помош и се известени родителите на повредениот ученик и тој во придружба со одделенскиот раководител и секретарот на училиштето е пренесен во Општата болница во Велес.
Веднаш се извршени разговори за резрешување на случајот со сите ученици од одделенската заедница, индивидуално е разговарано со ученикот кој го предизвикал инцидентот и разговори со група на ученици од одделението. Известени се и повикани на разговор родителите на ученикот кој го предизвикал инцидентот и запознаени се со целиот случај и понатамошните постапки што ќе ги преземе училиштето за случајот.
Од страна на училиштето е постапено во согласност со Законот за основно образование и се известени СВР Велес и Центарот за социјални работи Велес. Во училиштето е направен увид од страна на службени лица од СВР Велес при што е објаснет целиот инцидент и се дадени индивидуални изјави од стана на неколку предметни наставници, лице од технички персонал и директорот, кои интервенирале веднаш по случувањето на инцидентот.
Директорката и стручната служба ќе продолжат да постапуваат согласно законските и подзаконските акти, процедури и насоки за постапување при вакви постапки со цел во иднина да не се повторуваат. Училиштето, како и до сега е подготвено за соработка со сите надлежни институции за надминување на вакви ситуации. Ве замолуваме да се воздржите од ширење на дезинформации по овој случај со цел да се заштитат учениците вклучени во инцидентот, нивните семејства и другите ученици, а истовремено да се спречат несоодветни реакции од страна на потесната и пошироката јавност, пишува во официјалниот став на училиштето.