УХМР утрово со најнова прогноза: Започнуваат врнежите од снег

Под влијание на влажен бран, денеска времето во земјава ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд, кои наместа, особено во западните делови се очекува да бидат пообилни со наврнати и над 40 литри на квадратен метар, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Ќе дува засилен јужен ветер, кој во текот на ноќта ќе го промени правецот во северен и се очекува да дува со брзина и од над 70 километри на час.  

Врнежите од дожд, најпрвин на планините, а потоа и на некои пониски места ќе преминат во снег и ќе се формира снежна покривка.  

Утринската темпертура ќе се движи во интервал од минус три до шест Целзиусови степени, а максималната дневна ќе достигне од девет до 14 степени.  

Во Скопје, според синоптичарите, исто така, се очекува претежно облачно време, со врнежи од дожд во попладневните часови и во текот на ноќта кон сабота, кои повремено ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен, до засилен ветер од јужен правец.

Во текот на ноќта се очекува да почне да дува засилен северен ветер и во повисоките делови од скопската котлина ќе има услови врнежите од дожд да преминат во снег со слаб интензитет. Температурата во главниот град ќе се движи од минус еден до 12 Целзиусови степени.  

Според Управата за хидрометеоролошки работи, во сабота во претпладневните часови времето ќе биде облачно со повремен снег, претежно во западните делови. Ќе дува умерен, долж Повардарието засилен ветер од северен правец со брзина и од над 70 километри на час.  

Во деновите потоа не очекува стабилно и тивко време со ниски утрински температури и појава на магла по котлините.  

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде