Најмалку шест деца загинаа, а 15 се повредени откако училишен автобус падна во провалија на северот на Колумбија.
Автобусот, кој тргнал од градот Лагуна де Ортицес во северниот административен регион Сантандер, паднал во провалија длабока 200 метри во градот Сан Андрес.
Во несреќата загинаа шест ученици, а 15 се повредени. Повредените со хеликоптер се пренесени во болница.
Претседателот Иван Дуке изрази сочувство до семејствата на загинатите ученици.
Многу сме тажни поради смртта на малите деца во несреќа што се случи на пат кон училиште. Им наредив на властите да започнат истрага – изјави колумбискиот лидер.
Според податоците на Националната агенција за патишта, од почетокот на годинава во сообраќајни несреќи во различни делови од државата загинале 1.136 лица.